Вести
Несекојдневна кражба: три лица украле повеќе од 100 мотори и 500 системи за трансмисија од фабрика на Мercedes
Двајца од тројцата осомничени, на возраст од 52 и 57 години, работеле во централен магацин во фабрика на Mercedes, и успеале да украдат над 100 мотори со внатрешно согорување и над 500 уреди за трансмисија. (на фотографијата: неколку вработени работат на составување на бензински мотори во фабриката на Mercedes во Унтертуркхајм.)
Три лица успеале во период од три години да украдат поголем број на мотори и системи за трансмисија од фабрика на Mercedes во Германија. Сега тројцата крадци се фатени од страна на германската полиција.
Според извештаите на медиумите, вредноста на украдените производи изнесува неколку милиони евра. Серијата на кражби започнала уште од почетокот на 2020 година. Полицијата била известена во август 2020, по што во тајност го истражувала случајот.
Полицијата засега не објаснува зошто им било потребно толку долго време за спроведување на истрагата. Се претпоставува дека сѐ до пред една недела немале доволно докази за судијата да издаде налог за претрес и приведување на лицата.
Двајца од тројцата осомничени, на возраст од 52 и 57 години, работеле во централен магацин во фабрика на Mercedes, и успеале да украдат над 100 мотори со внатрешно согорување и над 500 уреди за трансмисија. Сепак, во интерес на истрагата, полицијата сѐ уште не октрива повеќе детали за случајот.
Двајцата вработени на Daimler биле приведени минатиот вторник (16-ти август), додека нивниот 36-годишен соработник е во бегство. При претрес на становите на трите лица во Штутгарт, Еслинген и Швабиш Хол, истражителите нашле мотори и системи за трансмисија како и други докази.
Останува да следиме како ќе се одвива потрагата по третиот осоминичен во оваа несекојдневна кражба.