Slide

Новитети

Volkswagen прикажа како ќе изгледа електричниот “Passat”, кој ќе пристигне следната година

Slide

За прилично импресивната автономија од 620km, влијание има одличниот коефициент на отпор на воздухот (0.23 cW).

28/06/2022

Преку концептот “ID. Aero”, кој е многу блиску до продукцискиот модел кој ќе следи, Volkswagen нѝ покажа како ќе изгледа идниот електричен седан на брендот. Две изведби на овој седан ќе бидат лансирани во Кина во втората половина на годинава, додека изведбата наменета за европските пазари веќе следната 2023 година ќе започне да излегува од производните ленти во германската фабрика во градот Емден.

По лансирањето на ID. 4, кој освен во Европа, беше комерцијализиран и во САД и во Кина, VW ќе лансира уште еден модел кој ќе се продава на повеќе континенти. Прикажаната студија безмалку целосно кореспондира со идниот продукциски модел.

За производство на новиот модел, Volkswagen ќе ја користи MEB платформата. Тој податок е доволен за да можеме да антиципираме голем дел во врска со информациите во однос на технолошките системи. Имено, батеријата ќе има капацитет од 77 kWh, кој би требало да овозможи автономија од 620 километри според WLTP стандардот. За прилично импресивната автономија влијание има одличниот коефициент на отпор на воздухот (0.23 cW) кој VW гордо го нагласува.

Со оглед на тоа дека електричниот “Passat” е технолошки дел од ID гамата на возила, и новиот седан ќе биде дигитално поврзан, а неговите корисници ќе може да ги користат поволностите од безжичните надградби на софтверот.

Кај електричниот седан VW ќе искористи една од големите поволности на модуларната електрична платформа. Имено, таа дозволува зголемување на меѓуоскиното растојание, кое во крајна линија најмногу придонесува за поголем простор во кабината.

Визуелно, 5 метри долгиот седан го следи дизајнерскиот правец на ID гамата. Предната маска е заоблена, а највпечатлива е светлосната лајсна која е поставена помеѓу LED Matrix предните светла.

Штом го погледнете отстрана, веднаш се забележува отсуството на рачки за вратите. Наместо нив, поставена е осветлена површина осетлива на допир. Покривот умерено се спушта кон задниот дел, каде доминира масивниот браник.

Како дополнување на концептот, VW веќе работи на продукцискиот модел. Технички гледано, Aero е базиран на моделите кои ја користат MEB платформата. Тие во моментов може да ни бидат показател за дел од перформансите на идниот “Passat”.

Имено, VW во моментов за ID.4 ја нуди батеријата со капацитет од 52 kWh, што овозможува 345 километри автономија. Електричниот мотор со 149 hp и 200 Nm вртежен момент ја придвижува задната оска. Посилниот погон со иста батерија и автономија, сила од 170 hp и 310 Nm вртежен момент. 

Кај ID. 4 Pro, Volkswagen ја вклучува батеријата со капацитет од 77 kWh, која овозможува 518 километри автономија според WLTP стандардот. Електричниот мотор има сила од 204 hp и 310 Nm вртежен момент. GTX изведбата со погон на сите тркала има 299 hp.

Според Ралф Брандстетер, извршниот директор на брендот VW, новиот електричен седан ги има сите карактеристики кои овозможуваат премиум електрични перформанси. Тој неодамна објави: “Благодарение на постојаното подобрување на MEB платформата, таа нуди повеќе од сѐ: повеќе простор, повеќе автономија, подобро забрзување и повисока максимална брзина”.

Според Брандстетер, продукцискиот модел кој ќе следи, ќе има висококвалитетен ентериер и многу простор во кабината. Тој го споредува просторот со оној во VW Phaeton.

Што се однесува до финалното именување на моделот, во VW имаше промени од првичните планови. Имено, минатото лето Херберт Дис, извршниот директор на VW Group, најави дека електричниот Passat ќе ја добие ознаката ID. 6. Но, по финалните консултации, таа ознака ќе биде зачувана за моделот Trinity. Наместо тоа, продукциската верзија на Aero ќе ја носи ознаката ID. 7. 

Секако, VW ги патентираше ознаките од ID.1 па сѐ до ID.9.

Slide
Slide
Slide 1

Најнови содржини

Opel ги објави деталите за очекуваната електрична изведба на Astra
Екстра перформанси од Audi RS6 Avant Performance и RS7 Sportback Performance
Tesla го овозможи автономното управување кај сите сопственици на возило од нивниот бренд во Северна Америка
VW Group ги стопира рекламните кампањи на Twitter по преземањето на социјалната мрежа од Илон Маск