Стории
Volvo наскоро ќе започне произведува каросерии од само неколку големи алуминиумски парчиња
Oд менаџментот на Volvo упатуваат големи надежи кон новиот начин на производство на автомобили кој се нарекува "Megacasting".
Новата платформа на Volvo ќе исползува нова технологија на производство на автомобили преку креирање на неколку поголеми алуминиумски парчиња како делови од каросеријата, кои потоа би се споиле во една целина.
Оваа нова технологија ќе коинцидира и со стартот на употреба на нова платформа која ќе се користи и во новата фабрика во Словачка, за чија изградба беше објавено пред неколку дена.
“Новата платформа ќе биде наследник на тековната SPA2”, изјави Герт Брунел, директор за производство во Volvo.
SPA2 е платформа за електрични возила на која ќе биде поставен најавениот SUV знаменосец на Volvo, како и сестринскиот модел Polestar 3.
Производството на овие два модели ќе започне во втората половина на годинава во фабриката на Volvo во Чарлстон, Јужна Каролина.
Ниту Брунел, ни Ерик Северинсон, директор за индустриска стратегија во Volvo, не споделија податоци во врска со тоа кој модел ќе се произведува во новата фабрика во Кошице. Она што е познато е дека шведскиот премиум производител во моментов ја користи SPA (scalable product architecture) платформата за моделите XC90 и XC60.
Најавениот наследник на XC90 ќе биде комплетно електричен, а би требало да биде именуван според новата стратегија на Volvo, во која наместо алфанумерички кратенки (XC90), за именување на новите модели ќе се користат имиња кои имаат значење.
Volvo неодамна поднесе апликација за зашитување на користењето на името Embla. Во однос на значењето на ова име, во норвешката митологија, Ембла е името на првата жена.
SPA2 платформата ќе биде развиена и произведена од страна на Volvo, но тие ќе ја споделуваат и со сестринските брендови на Geely Holding групацијата.
Освен кон SPA2 платформата, од менаџментот на Volvo упатуваат големи надежи и кон новиот начин на производство на автомобили кој се нарекува “Megacasting”.
Освен Volvo, уште неколку големи автопроизводители се во фаза на воведување на овој метод во своето производство. Tesla, веќе го користи овој процес за производство на дел од своите модели.
Овој производствен метод ќе се применува и во најстарата фабрика на Volvo во Торсланда, Шведска, која ќе биде адаптирана за производство на електрични автомобили.
Според Микаел Фермер, дел од менаџментот на Volvo, новиот метод на производство на каросерии за автомобилите од само неколку големи алуминиумски делови е “најголема технолошка иновација слична на онаа кога за производство на автомобилските каросерии започна да се користи железо наместо дрво”.
Што се однесува до изборот на новата фабрика во Словачка која ќе го користи новиот производствен процес, Северинсон вели дека најпрво направиле избор од 50 потенцијални локации за новата фабрика. Потоа изборот бил стесен на 10, па на 5, потоа на три, за на крај Кошице да биде изборот за инвестицијата вредна 1.2 милијарди евра.
Во споредба со нашите фабрики во Гент и Торсланда, новата фабрика во Кошице значително е поблиску до нашите добавувачи.
Во Словачка фабрики имаат и конкурентите од Volkswagen Group, Stellantis, Kia и Jaguar Land Rover.