Slide 1

Стории

Volvo со рекордни нарачки за електричниот C40 – првиот модел на брендот кој се продава само онлајн

Slide 1

До 2022 година Volvo планира електричните изведби да заземаат дури 60% од вкупното производство во фабриката во Гент, која годинава се очекува да ја надмине бројката од 200,000 произведени возила.

24/11/2021

Првиот модел на брендот кој се произведува само како електрична изведба веќе е распродаден за 2021 година.

За да го издвои од конкуренцијата, Volvo избра специјална боја со име “Fjord Blue”. Бојата е инспирирана од длабоките заливи долж скандинавскиот брег.

Првиот исклучиво електричен модел на Volvo, моделот C40, веќе е распродаден за 2021 година, а шведскиот премиум производител веќе прима нарачки за производните недели во февруари 2022.

Конкурентот на Tesla Model 3, Audi e-tron и Mercedes EQA се произведува во фабриката на Volvo во Гент, Белгија. Производителот проценува дека годината ќе ја заврши со нешто помалку од седум илјади произведени примероци. Претставници на фабриката не сакаат јавно да го проектираат продукцискиот капацитет за следната година, но тој се очекува да биде многу повисок, со оглед на тоа што за разлика од годинава, ќе имаат цели 12 месеци на располагање.

Лансирањето на C40 е една од главните причини поради кои Volvo планира за три пати да го зголеми производството во фабриката, во која освен него се произведуваат и комплетно електричната, плаг ин хибридната и бензинската изведба на компактниот SUV XC40, како и караван изведбата V60.

До 2022 година Volvo планира електричните изведби да заземаат дури 60% од вкупното производство во фабриката во Гент, која годинава се очекува да ја надмине бројката од 200,000 произведени возила. Годишниот рекорд на оваа фабрика изнесува 266,673 произведени автомобили, поставен пред точно 10 години.

C40 има повпечатлива форма споредено со XC40 Recharge, најмногу поради помалата висина (69 милиметри) споредено со компактниот SUV, со кого ја дели CMA платформата.

“C40 претставува лично, индивидуално возило. Сопствениците ќе сакаат да се изразат визуелно преку овој производ кој го поседуваат и управуваат” – изјави Хенрик Грин, главниот технички директор на Volvo. “Тој успева да поседува голем дел од практичноста на XC40, но е многу повеќе индивидуалистички модел, отколку практично семејно возило” – додава Грин.

Според Ема Бернтсон, продукт директорот на моделот, дизајнот бил приоритет уште при стартот на развојот на C40. 

За да се издвои, Volvo вгради панорамски покрив како стандард во сите нивоа на опрема, а дополнителен ефект предизвикува бојата на каросеријата која е изведена во специјална “Fjord Blue” боја. 

За уникатноста придонесуваат и проѕирните графички елементи на инструмент таблата и вратите, кои се инспирирани од шведскиот национален парк Абиско.

Задниот дел на C40 има комплетно редизајнирани задни светла, споредено со XC40. Новиот модел вклучува и LED предни светла со најнапредна пиксел технологија, која овозможува затемнување на одредени пиксели, со цел избегнување на отсјајот на автомобилите кои доаѓаат од спротивен правец, без притоа да се жртвува потребното ниво на светлина за безбедно управување на автомобилот.

Volvo C40 Recharge ќе се продава само со комплетно електричен погон и што е интересно – ќе може да се купи само онлајн. Двете одлуки треба да му помогнат на производителот да стигне поблиску до остварување на своите стратегиски цели.

Имено, менаџментот на брендот планира до 2030 сите автомобили кои ги произведува да бидат комплетно електрични, а до 2025 година ќе се обиде дури 50% од продажбите на светско ниво да бидат онлајн продажби.

Што се однесува до перформансите, електричните изведби на C40 и XC40 се идентични. И двата модела имаат автономија од 418 километри, која ја добиваат благодарение на батеријата со капацитет од 78kWh, која овозможува 74kWh употреблив, нето капацитет. 

Електричниот мотор има сила од 402 hp и 660 Nm вртежен момент. И двата модела забрзуваат од 0-100 km/h за 4.9 секунди, а нивната максимлана брзина е ограничена на 180 km/h.

Иако забрзувањето од 0-100 km/h за 4.9 секунди e солидно, уште поимпресивни се перформансите при забрзување од 100 до 140 km/h. Имено, 660-те Њутн метри сила значително го намалуваат времето кое на C40 му потребно за да претекне поспоро возило на патот, споредено со времето кое им е потребно на возилата со мотори со внатрешно согорување. 

Доколку се користи брз полнач со директна струја и  капацитет од 150 kW, потребни се само 40 минути за полнење на батеријата до 80% од капацитетот. Volvo проценува дека секои наредни 10 минути полнење додаваат дополнителни 100 километри автономија. Полнење на батеријата до 100% преку користење на стандарден полнач ќе одземе околу 8 часови.

Но, освен брзината на полнење, Volvo посвети големо внимание при развојот на C40 за да го намали стресот при возењето (range аnxiety) кој се јавува кај сопствениците на електрични возила, а кој се однесува на планирањето на следното полнење и лоцирање на слободен полнач на станица за брзо полнење, пред комплетно да се испразни капацитетот на батеријата.

Имено, Volvo е еден од првите производители кој комплетно ја интегрираше Android Automotive платформата на Google во своите модели, наместо безжичното поврзување на мобилниот телефон со инфотејнмент екранот преку Android Auto функционалноста, што сè уште е доминантна пракса во индустријата.

Токму оваа имплементација на Android Automotive овозможува и подобра интеграција на Google Maps, при што возачот добива информации, не само за локацијата на брзите полначи долж рутата, туку и антиципираната енергија во батеријата при пристигнување до некој од ваквите полначи. 

Возачот, исто така, однапред добива информација и за времето кое ќе биде потребно за да се надополни одредено ниво на енергија во батеријата на конретниот полнач.

Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Renault ќе го замени Kadjar со Austral – нов компактен SUV кој ќе има и плаг-ин хибридна изведба
Караван изведбата на Opel Astra ќе атакува на позицијата на Skoda Octavia – бестселерот во сегментот во Европа
Porsche во 2024 ќе ги лансира новите батерии со силициумски аноди и 10 пати поголема енергетска густина
Stellantis ја зголеми автономијата на електричните модели на Opel и Peugeot преку нови пневматици од Continental