Skip to content

Тестови

Возевме Peugeot 2008 – SUV револуционер со неодолив шарм

Заштитен знак на Французите е i-Cockpit концептот на ентериерот, односно посебното чувство кое се доживува зад воланот на моделите на Peugeot, a во случајов и неговата најнова верзија која вклучува 3D проекција на информациите на дигиталната инструмент табла

10/12/2019

Во моментот кога Peugeot почна да го чувствува пулсот на купувачите, чии срца се почесто чукаа во SUV ритам, на сцена се појави Peugeot 2008, како вистинско освежување во гамата на францускиот производител.

Модерниот кросовер сериозно ја заинтригрира автомобилската сцена, а логото со лав се приближи и до помладите возачи кои традиционално го комбинираат корисното со трендовското.

Повеќе од половина деценија подоцна, пристигна втората генерација на Peugeot 2008, a привилегијата да се запознаеме со неа, ја имавме на француски терен.

Областа Прованса, исто како и Peugeot, е вистинска гордост на Франција, па нашите домаќини не погрешиле со одлуката да го истакнат квалитетот и капацитетот на двата бренда, на начин кој го истакнува престижниот амбиент и трагањето по убавото и автентичното.

Full screenExit full screen

Slider

Првата средба со Peugeot 2008 ни овозможи и да го почувствуваме она што производителот претходно го потенцираше „на хартија“.
Најмалиот SUV на брендот пораснал за 14 сантиметри, неговото меѓуоскино растојание стигна до 2.600 милиметри, автомобилот доби поголема широчина и дизајн кој оди во насока на повпечатливата појава на 2008.

Следејќи ја насоката зададена со поголемите 3008 и 5008, воопшто не сме изненадени што и Peugeot 2008 e посебно инспиративен и атрактивен автомобил, па иако делумно елементите на екстериерот се поврзани и со нивото на опременост, секој примерок ќе располага со специфичниот шарм и основните идеи на дизајнерскиот тим.

Во преден план е оптиката, на која исто како кај 208, се додадени специфични вертикални дневни LED светла со кои 2008 добива поагресивен изглед, тука е модерната маска, а поклопецот на моторот овојпат доаѓа со класична хоризонтална линија. Импресионираат и артистички извајаните триаголни форми, кои се движат во спротивна насока на двете страни на автомобилот, додека на задниот дел 2008 ја потврдува припадноста на SUV семејството на Peugeot.

Новaта генерација напредува и во однос на капацитетот на багажникот, тој сега стартува со 434 литри, а овој кросовер ќе биде на врвот на класата и според модуларноста и просторот за предмети во кабината. Со вакви квалитети и зголемени димензии (должина од 4,3 метри), ова Peugeot e многу поблиску до компактните SUV, отколку до класичен B-SUV кросовер.

Заштитен знак на Французите е i-Cockpit концептот на ентериерот, односно посебното чувство кое се доживува зад воланот на моделите на Peugeot, a во случајов и неговата најнова верзија која вклучува 3D проекција на информациите на дигиталната инструмент табла.

Иновацијата на гигантот Visteon подразбира комбинација на 10,25 и 7-инчен екран чија графика се проектира на полутранспарентно огледало, а конечниот резултат е 3D проекција и тоа на позиција која му овозможува на возачот да добие побрза информација, без да мора да го тргне погледот од патот пред себе.

Но, инструмент таблата е само еден дел од i-Cockpit, а истиот е заокружен со вообичаено помалиот и спортски волан, привлечниот дизајн на целиот кок-пит, како и „пијано“ командите како побрз избор за дел од менито на инфо-забавниот систем.

Full screenExit full screen

Slider

Технолошкиот подем на Peugeot 2008 е јасно видлив и со системите кои ги става на располагање. Покрај асистентот за паркирање и поврзувањето со Apple CarPlay и Android Auto, тука е и полу-автономното управување, автоматското сопирање кое функционира на брзини меѓу 5 и 140 км/ч, предупредување за напуштање лента, а тука се и опциите за TomTom навигација и Focal аудио-систем.

Безбедноста е приоритет на производителот, па затоа и подобрувањето на системите за пасивна и активна безбедност, а претставниците на Peugeot ги расчистија и дилемите зошто 2008 го мина Euro NCAP тестот во две варијации (без и со безбедносен пакет).

Разликата ја прави дополнителниот радар за детектирање на велосипедисти во рамките на системот за автономно сопирање. Тој не е дел од сериската опремa и поради тоа 2008 губи неколку поени кај категоријата безбедносни системи. Од друга страна четирите ѕвездички се доволна гаранција за безбедноста на патниците, а тоа го покажува резултатот за заштита на возрасни (91%) и деца патници (84%).

За оваа „проблематика“ зборуваше и најодговорниот во тимот кој го креираше новиот 2008, Тјери Дуфор де ла Прад, во ексклузивното интервју за Auto Focus.

Километрите минати со Peugeot 2008 во Прованса го потврдија целосниот напредок на автомобилот, па покрај комфорното чувство во возачкото седиште, втората генерација освојува подобри оценки и во однос на управливоста и своите возни карактеристики со кои сигурно ќе биде меѓу најдобрите во класата.

Добрата изолација во кабината е потврдена дури и со поинтензивно користење на потенцијалот на 1.2-литарскиот бензинец со 155 коњски сили, кој меѓу другото одлично соработува со 8-степената автоматска трансмисија, а свои позитивни квалитети има и 1.5-литарскиот BlueHDi дизел со 130 коњски сили.

Подостапни бензински изведби ќе бидат тие со истиот PureTech мотор, но со 100 и 130 коњски сили, при што помоќната од овие две располага со вртежен момент од 230 Nm и просечна потрошувачка од 4,5 литри.

Целосниот впечаток за новата генерација на Peugeot 2008 го заокруживме со електричната изведба, или е-2008 кој рамноправно ќе им парира на роднините со мотор со внатрешно согорување. Со електро-мотор со моќност од 100 kW (136 кс) и литиум-јонска батерија со капацитет 50 kWh, Peugeot e-2008 обезбедува автономија од 320 километри, а возачот во секој момент располага со 260 Nm.

Визуелните разлики се минимални, возењето е идентично задоволство, со тоа што кај e-2008 дополнително релаксира и чувството дека автомобилот многу повеќе ќе се грижи за животната средина. Електричната верзија ќе биде приоритет на возачите кои сакаат да уживаат додека возат и кои нема ни да помислат дека ограничувањето на максималната брзина до 150 км/ч е лош потег.

Начинот на кој Peugeot го подготвил новиот 2008 и фактот што ќе биде достапна и електрична изведба повторно одат во прилог на најавениот процес на повисоко позиционирање на брендот кој трае неколку години и со кој Французите успешно привлекуваат и дел од купувачите на премиум ривалите.

Производството на новиот Peugeot 2008 веќе започна во шпанскиот град Виго, а најупорните и најсреќни фанови ќе ги добијат првите примероци на почетокот на 2020 година.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider

Send this to a friend