Тестови
Возевме плаг-ин хибридни, бензински и дизел изведби на новата Opel Astra, низ околината на Лисабон
Од Opel не пропуштаат да нагласат дека новата Astra е комплетно германски производ и за очекување е дека тие и понатаму ќе инсистираат на овој факт.
Осум месеци по објавувањето на сите детали за 6-тата генерација на популарниот компакт на Opel, имавме можност да ги испробаме првите предсериски примероци во крајбрежната област северозападно од Лисабон.
Медискиот настан се спроведе на неколку месеци пред првите примероци од новата Astra да пристигнат во продажните салони во земјава.
Нашите очекувања од новата Astra беа големи. Opel ги подигна очекувањата кога минатото лето самоуверено ги претстави сите детали за новата генерација, нагласувајќи дека таа е поставена на новата EMP2 платформа, за разлика од претходната генерација која користеше платформа на General Motors.
Токму новата платформа на Германците им овозможи развој и на плаг-ин хибридни изведби, за кои уште пред тргнувањето добивме потврда дека ќе бидат достапни за возење во Португалија.
EMP2 платформата може да се користи и за производство на комплетно електрични автомобили, а производителот е решен да ја искористи оваа можност. Затоа нема долго да чекаме и за комплетно електричната Astra, бидејќи таа е најавена веќе за следната година.
Според планот на огранизаторот, стартот на рутата беше предвиден од самиот Интернационален аеродром во Лисабон. Домаќините не упатуваат кон подземната гаража, каде нѐ дочекува импресивна глетка: повеќе од 30-тина примероци од новата Astra, паркирани еден до друг, половина во црвена а останата полвина во златно-жолта боја.

Нашите првите впечатоци ги потврдуваат најавите: новата Astra незначително порасна во должина и ширина, но не и во висина. Во однос на претходната генерација, оваа Astra e 15-милиметри пониска. И тоа се забележува: таа изгледа поспортски, поширока е и пониска, а токму тоа ќе им се допадне на долгогодишните фанови на Astra.
Што се однесува до дизајнот, 6-тата генерација во предниот дел го “наследува” новиот “Визор” од своите претходници Mokka и Grandland. Со тоа во историјата замина решетката со црн панел. Краевите на “Визор”-от се надополнети со новиот LED систем кој може да биде опремен со “Intellilux” опцијата: 168 посебни LED сијалички кои поединечно го менуваат интензитетот на осветлување во зависност од условите на патот.
Во консултација со претставниците на Opel, избираме PHEV изведба со 1.6-литарски бензински мотор со сила од 180 hp и 8-степен автоматски менувач.





Батеријата со капацитет од 12.4kWh би требало да нѝ овозможи комплетно електрично управување за првите 50-тина километри од рутата.
Штом влезете во кабината, веднаш се забележуваат големите разлики споредено со Astra К, но и сличниот дизајнерски правец со Opel Mokka.
Во кабината погледот веднаш сопира на “Pure Panel” инструмент таблата, која се карактеризира со минималистички изглед и на минимум го сведува бројот на физички копчиња. Производителот умешно ги “маскирал” двата 12-инчни екрани, за визуелно да формираат една геометриска целина.
Под нив практично е сместен отворот за оставање и полнење на мобилен телефон. Го оставам мојот телефон, и за помалку од секунда, светнува зелен сигнал – телефонот безжично се полни.
Oд Opel најавија дека поврзувањето со мобилните телефони со Apple CarPlay и Android Auto отсега ќе биде комплетно безжично.
За да ја испробаме оваа опција, организаторот обезбеди Android телефони, безжично поврзани со инфотејнмент екранот на возилото, по што можевме во дел од рутата да ја користиме навигацијата на Google Maps, која се покажа како пдобро решение од TomTom вградената навигација.
Тоа што навигацијата на Google е супериорна е само најава на трендот кој ќе следи во автоиндустријата во следните неколку години.
Голем број од автомобилските групации, меѓу кои е и Stellantis, веќе склучија договори со Google за имплементирање на Android Automotive платформата, која комплетно ќе ги замени софтверските инфотејнмент решенија кои ги развиваа автомобилските производители.
Дел од производителите како Volvo и Renault, веќе започнаа негова имплементација, а за околу две години и моделите на Opel ќе преминат на овој супериорен оперативен систем.
Од Opel не пропуштаат да нагласат дека новата Astra е комплетно германски производ и за очекување е дека тие и понатаму ќе инсистираат на овој факт.
Токму заради тоа што Opel е единствен германски бренд во новоформираната Stellantis групација, доби привилегиран статус при репозиционирањето на брендовите внатре во групацијата, кое лани го спроведе извршниот директор Карлос Таварес.
По првата кафе-пауза, ги напуштаме крајбрежните свиоци и зад нас го оставаме прекрасниот поглед на Атланскиот океан. Ние продолжуваме низ планинските превои кон националниот парк Де Синтра – идеално избрана локација за тестирање на синхронизирањето на бензинскиот и електричниот мотор (со сила од 81kW).
Комплетирањето на првиот дел од возењето нѐ остава со впечаток дека, иако плаг-ин хибридната технологија е тука за да послужи во транзицијата кон целосна електрификација, производителите имаат голем предизвик да имплементираат платформи кои ќе овозможат неколку различни погонски изведби, сепак, оние кои ќе се одлучат за плаг-ин хибрид изведбата на Astra, дефинитивно нема да добијат “транзициски” производ.
Ова е нашиот впечаток по првите 70-тина извозени километри, откако по заоѓање на сонцето имавме можност за30-тина минути ноќно возење. Сега го избравме 2.0-литарскиот бензинец со три цилиндри и мануелна 6-степена трансмисија.




Планот со ноќното возење беше да ја испробаме и Intelli Lux – новата генерација на LED технологија, која во двете предни светла на новата Astra интегрира дури 168 LED диоди (по 84 во секое предно светло).
Вниманието кое го посветиле инженерите на Opel за да креираат функционално и практично возило од плаг-ин хибридната изведба се забележува и во начинот на кој е изведена оптимизацијата на багажниот простор кај PHEV изведбите.
Имено, изминатиот месец, за време на интервјуто кое го направивме со Марк Адамс, главниот дизајнер на Opel, тој објасни дека во плаг-ин хибридната изведба успеале да го вметнат хибридниот погон под подот на багажникот, при што не е направен компромис со ниту еден милиметар на багажен простор над подот. Минатиот петок во Лисабон на лице место се уверивме практичноста на инженерското решение кај првата Astra PHEV.
Следниот ден е планирано утринско возење кон меѓународниот аеродром во Лисабон. Набргу го напуштаме нашиот хотел кој се наоѓа во резиденцијалниот комплекс на атланскиот брег и се движиме низ вообичаен утрински сообраќаен метеж, карактеристичен за утринските часови.
И во овој тип на сообраќајни услови, плаг-ин хибридната изведба е вистинско релаксирање. Возењето на исклучиво електричен погон кога се наоѓате во колона возила кои брзаат кон аеродромот, го прави овој тип на возење, многу порелаксирано во споредба со возење на погон само со мотори со внатрешно согорување.
Тука завршува нашето кусо запознавање со новата генерација на Opel Astra. За подолго тестирање ќе мора да почекаме до јуни, за кога е најавено пристигнувањето на првите примероци во Македонија.
Иако изминатата 2021 година беше турбулентна за автомобилската индустрија, Opel успеа да ја заврши со зголемување на својот пазарен удел во Европа на 4,32%, најмногу како резултат на прифатеноста на новите генерации на моделите Corsa и Mokka од страна на купувачите.
Доколку Astra биде прифатена на сличен начин, продажните резултати на Opel ќе продoлжат. А 86-годишната традиција на моделот (Kadett/Astra) и покажува дека Opel знае како да го придобие вкусот на купувачите.