Тестови
ТЕСТ: Втор електричен мотор овозможува погон на сите тркала кај Peugeot 3008 Hybrid4
Peugeot спроведе редовен фејслифт на 3008, при што го опреми со нови системи за асистенција при возењето и нов сет на дигитална технологија. Предните LED светла сега се дел од стандардната опрема.
Peugeot 3008, кој беше лансиран во 2016, и ја доби наградата за Европски автомобил на годината во 2017, минатата година помина низ вообичаениот фејслифт процес. Промените на компактниот SUV се јасно воочливи, особено во предниот дел, а значаен дел од фејслифтот претставува дигиталната технологија.
Надворешен изглед
Наместо малку адаптиран дизајн на предните светла и поинакви лајсни во маската, дизајнерите на Peugeot решија да направат комплетен редизајн на предниот дел за примероците од моделската 2021 година. Сега решетката на ладилникот е проширена, повпечатлива и ја зафаќа целата ширина, а дневните светла се спуштаат надолу кон маската.
Погон и возни својства
Моделот кој ние го имавме на тест е 3008 Hybrid 4 со 300 hp. Тој е придвижуван од 1.6-литарски турбо бензински мотор, надополнуван од два одделни електрични мотори.
3008 Hybrid4 има погон на сите тркала, но задната оска е придвижувана само од страна на електричниот мотор со сила од 83 kW. Овој мотор во хибриден режим на возење најчесто се вклучува при опасност од пролизгување, но е постојано активен во режимот “4WD”.
При континуирано возење во овој режим, забележлива и очекувана е поголемата потрошувачка на батеријата, која впрочем има задоволителен капацитет од 13.2 kWh и овозможува солидна електрична автономија од 55 километри.
Се забележува дека предната оска има значително повеќе сила, добиена од електричниот мотор со сила од 81 kW, кој делува во комбинација со бензинскиот мотор со сила од 200 hp.
Ентериер и технологија
Во внатрешноста најпрво се забележуваат новите материјали на седиштата (нашиот модел имаше седишта обложени со црвена “Napa” кожа која е дел од дополнителната опрема).
Конфигурацијата на централната конзола останува непроменета, но I-Cockpit-от, кој во изминатите неколку години стана заштитен знак на брендот, е целосно ревидиран за да ја вклучи најновата технологија, а обновен е и централниот екран, кој сега е поставен во правоаголна рамка и е поголем од претходно (25.4 сантиметри дијагонала).
Новина е и копчето за менување на режимите за возење, кое е вклучено во сите модели со автоматска трансмисија. Бензинските и дизел изведби ги имаат режимите normal, sport и eco, а плаг-ин изведбите како примерокот што го имавме на тест, освен спортски се дополнети и со хибриден, 4WD и електричен режим на возење. При избор на електричниот режим, максималната брзина е лимитирана на 135 km/h.
По спроведувањето на фејслифтот, сите тековни системи за асистенција со кои располага Peugeot се вклучени во 3008. Преку нив, е овозможено полу-автономно управување.
Особено беше интересно да се доживее “Night Vision” функцијата, која преку инфрацрвена камера ги забележува пешаците и животните на растојание до 250 метри пред возилото.
Она што прави да се чувствувате како да го возилте најновиот автомобил на тајниот агент 007, е моментот кога пешакот, кој е регистриран од страна на термалната камера, ќе се проектира во еден од круговите на дигиталната инструмент табла.
Наш впечаток од тестот е дека Peugeot спроведе прилично темелен фејслифт процес на својот адут во C-SUV сегментот.
Тоа ќе предизвика љубопитство од страна на сопствениците на примероци пред фејслифтот, и веројатно ќе ги предизвика да размислуваат за замена на тековниот со најновиот модел.