Стории
VW подготвува MEB+ платформа, која ќе овозможи зголемена автономија од 700 километри со едно полнење
Обновената платформа ќе користи нов систем на батериски ќелии кои ќе се произведуваат во новата фабрика за батерии во Салзгитер, Германија, како и од шведската фабрика на Northvolt.
Надградената платформа ќе овозможи поголема автономија и побрзо полнење, а ќе биде во употреба сѐ до 2028 година кога се очекува на лансирање на наследникот на MEB.
Како што се заострува битката за купувачи во електричниот сегмент во Европа, VW Group е под притисок за одржување на примарната позиција која успеа да ја обезбеди со раното лансирање на MEB платформата, врз основа на која се развија серија на успешни модели.
Месецов од производителот најавија лансирање на MEB+, надградена платформа која треба да биде подготвена во 2026 година. Иако директно не беше објавена вредноста на инвестицијата, германските медиуми проектираат сума од околу 1.5 милијарди евра.
MEB своевремено беше првата глобална платформа дедицирана за развој на електрични возила, а првиот модел кој беше поставен на неа беше компактот ID.3.
Поради супериорноста, VW склучи договор за соработка со Ford, при што американскиот производител ја користи MEB платформата за производство на свои електрични автомобили.
На ова секако треба да се додадат и сестринските брендови во рамки на VW Group кои развиваат модели на истата платформа.
Но, во меѓувреме ривалите од Hyundai и Tesla достигнаа многу во развојот на своите платформи при што постигнуваат одлични брзини на полнење, голема автономија и намалени трошоци за нивните соодветни платформи.
Првичните планови на групацијата Volkswagen беа да воведат сосема нова SSP платформа, која за првпат требаше да биде имплементирана кај моделот на Audi кој ќе биде резултат на проектот Artemis, а потоа и кај VW Trinity во 2026 година.
Но, со оглед на одложувањето на проектот Trinity, VW Group реши да се насочи кон забрзување на развојот на MEB+ како брз одговор на растечкиот потенцијал на конкурентите.
Според извештаите, VW ќе ја задржи 400-волтната архитектура, но ќе ги зголеми брзините на полнење кои со MEB+ ќе стигнат и до 175-200 kW, а истовремено ќе ја зголеми и авотномијата до 700 километри со едно полнење. За споредба, тековната максимална автономија на моделите на MEB платформата изнесува 550 километри.
Обновената платформа ќе користи нов систем на батериски ќелии кои ќе се произведуваат во новата фабрика за батерии во Салзгитер, Германија, како и од шведската фабрика на Northvolt.
Значаен дел од напорите на Volkswagen Group се насочени и кон намалување на трошоците за производство на електричните модели, со оглед на тоа што кинеските конкуренти успеваат да постигнат пониски цени на нивните компоненти.
Економијата од обем е еден сегмент каде VW Group може да ја искористи својата предност. ,Имено само брендот Volkswagen веќе има продадено над 500,000 примероци на електрични автомобили на MEB платформата, која, пак, е основа за дури 12 различни модели помеѓу брендовите во рамки на групацијата. Производителот има амбициозни планови за производство на дури 10 милиони возила на оваа платформа.