Slide

Стории

За производство на 1,000 погони за електрични возила годишно се потребни 13 работници – двојно помалку споредено со дизел погоните

Slide

25,000 работници во фабриката на на Volkswagen во Волфсбург, годишно произведуваат 700,000 возила со мотори со внатрешно согорување.

15/02/2023

Ford намалува безмалку половина од инженерскиот персонал во Европа, во период на транзиција на својата гама кон електрични возила. Електричните возила имаат помала потреба од инженери споредено со возилата со мотори со внатрешно согорување.

Долгонајавуваните можни кратења на работни места како последица на транзицијата кон електрични возила, започнува да станува реалност. Имено, Ford објави дека ќе отпушти безмалку половина од инженерскиот тим во дивизијата во Европа, кој изнесува 6,200 инженери.

Според Мартин Сандер, извршниот директор на Ford задолжен за електрични возила, причината е тоа што електричните возила се многу поедноставни за производство во споредба со оние со мотори со внатрешно согорување. “Промените се последица на транзицијата кон комплетно електрични погони, и драстично намалена комплексност на нашите возила и активности”, изјави Сандер.

Во иднина, Ford ќе ја користи MEB платформата на Volkswagen за два електрични модели кои ќе се произведуваат во фабриката во близина на европското седиште во Келн. Овие два модели, (пандани на ID4 и ID5) ќе бидат лансирани оваа и следната година, a ќе користат софтверска платформа развиена од нивните колеги од САД.

“Јасно е дека ни е потребна јасна и компетитивна структура на трошоци во Европа, која е во согласност со нашето портфолио на електрични возила”, додаде Сандер во вторникот.

Останатите 3,400 инженери вработени во европската дивизија на Ford, кои се лоцирани во Велика Британија и Германија, ќе работат на развој на нови функционалности за европскиот ултра-конкурентен пазар, како и на профитабилниот сегмент со комерцијални ванови. “Но за 2,800 од нив, едноставно немаше доволно проекти во кои тие би биле вклучени за да може да останат во тимот”, додаде Сандерс.

Ford е еден од првите производители кои експлицитно го најавуваат кратењето на работни позиции, но сигурно е дека нема да биде единствен.

Целата автоиндустрија бара начини да се усогласи со европската директива која во вторникот доби и финално одобрување, а значи дека по 2035 година во земјите на ЕУ нема да може да се продаваат нови возила со мотори со внатрешно согорување.

Дел од автомобилските производители се обидуваат да го ублажат ефектот преку здружување и заштеда од економија од обем, како што е неодамнешното партнерство помеѓу Renault и Geely. 

Истовремено голем дел од традиционалните фабрики се пренаменуваат за да бидат соодветни за производство на електрични компоненти, а вработените поминуваат обуки за да можат да работат на производство на батериски ќелии.

Пред две години научна студија во Франција откри дека во просек се потребни 22 работници за производство на 1,000 комплетни погони за дизел возила (од блокот на моторот, преку трансмисијата па сѐ до издувот), за период од една година. За споредба, потребни се само 13.2 работници во период од една година за производство на 1,000 погони за електрични возила. Пет од тие 13 потребни работници се вклучени во производство на батериските ќелии.

Втора илустрација е примерот на новата фабрика на Tesla во близина на Берлин. Американскиот производител планира да произведува 500,000 автомобили годишно во таа фабрика со 12,000 работници.

За споредба, во моментов, 25,000 работници на Volkswagen годишно произведуваат 700,000 возила со мотори со внатрешно согорување во фабриката во близина на седиштето на компанијата во Волфсбург.

Slide
Slide

Најнови содржини

Продажбата на електрични изведби во сегментот на мали SUV возила стагнира поради намалените субвенции во дел од европските држави
Според Лука де Мео, строгата Еуро 7 норма ќе ја врати автоиндустријата назад кон инвестиции во мотори кои немаат иднина
Автомобилските производители продолжуваат со пренамена на своите фабрики во Обединетото Кралство и покрај промените во регулативата
Во првите 8 месеци од годината, VW Group и Tesla ја предводат електрификацијата во Европа